Ние сме на пат за Европската Унија и немаме друга алтернатива.
Како Алијанса за Албанците апсолутно го поддржуваме овој процес и ќе бидеме тие коишто ќе помогнат со сите сили, нагласи в.д. претседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, по лидерската средба во Собранието, поздравувајќи ја иницијативата за состанокот со надеж дека дебатата ќе продолжи и во иднина.
– Ја поздравувам иницијативата од премиерот што ја свика денешната средба, мислам дека ова е добар знак за целиот процес да биде што поинклузивен и потранспарентен. Мислам дека требаше уште порано да има дебата меѓу политичките партии, меѓутоа никогаш не е доцна. Се надевам дека дебатата ќе продолжи, ние сме на пат за Евроспакта Унија и немаме друга алтернатива, истакна Таравари.
Тој нагласи дека смета оти нема друга алтернатива за државата освен ЕУ и поради тоа уставните промени кои што треба да се случуваат не треба да се гледаат како ризик за државата туку како можност.
– Како можност за да има повеќе етнички заедници застапени во преамбулата на Уставот на Република Македонија, моментално се размислува за Бугари, Хрвати и за Црногорци, зошто да не и за Торбеши евентуално. Секое општество и секоја држава е побогата ако има повеќе етнички заедници во нејзе, истакна Таравари.
Лидерот на АА посочи дека исто така на средбата било отворени и прашањето за отстранување на процентот за употреба на албанскиот јазик.
– Мислам дека е коректно нашите сограѓани Македонци да покажат пред се почит кон нивните сожители кои сме 30 проценти од вкупната бројка на жители кои што живеат во Македонија и мислам дека е достоинствено да се употребува албански јазик, а не бројки или проценти, рече Таравари.
Тој, одоговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали има интерес кај останатите политички партии за трагање на процентите за употреба на албанскиот јазик, потенцираше дека на средбата никој не кажал дека е против.
– Јас мислам дека тоа е апсолвирано, сум го кажал и јавно тоа неколкупати. Албанските партии сите мислат така, меѓутоа и поголемите македонски партии, зборувам за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, барем јавно имаат кажано дека не им пречи ништо да се тргне 20 посто, наведе Таравари.