Ако ни се случи да не ги спроведеме уставните промени, вчера го слушнав албанскиот премиер Еди Рама како рече дека може ќе се разделат патиштата на Македонија и Албанија кон ЕУ. Тоа не е убаво за нас. Ако мисли македонската опозиција дека ќе победат на избори и ќе сменат нешто, треба да знаат дека ова не е договор меѓу Македонија и Бугарија, туку меѓу Македонија и ЕУ, вели лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во синоќешното гостување на емисијата „Клик плус“.

Таравари стравува дека може да ни се повтори „букурешко сценарио“ од 2008 година.

-Да не ни се повтори тоа кога Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО, а ние останавме уште 10-11 години. Со овој тренд на бегање на млади луѓе, започнувањето на преговори е некаква надеж за нашите граѓани. Повеќето граѓани посакуваат и очекуваат оваа година да ги започнеме отворањето на поглавјата, додаде претседателот на АА.

Најблиску до НАТО бевме во 2008 година, на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, иако влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името. Откако по речиси три децении спорот беше надминат со Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни 2018, вратата за НАТО се отвори.