Таравари реагира дека власта врши непочитување на Преспанскиот договор
Практично само еден ден по средбата со грчката лобистка Малиотакис во САД, крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците изреагира, покрај другото, и поради „непочитувањето на Преспанскиот договор“?!
„Поради употребата на името Македонија“ Таравари побара „јавно објаснување и извинување од Министерството за здравство“, зашто, како што наведе, „тоа не било во согласност со македонскиот устав, а министерот Алиу треба да преземе политичка одговорност за незаштитувањето на законските и уставните стандарди“.
– Министерството за здравство го обележи отворањето на Здравствениот дом во Илинден со две флагрантни прекршувања – отсуство на албанскиот јазик на официјалните табли и употреба на името Република Македонија наместо сегашното уставно име Република Македонија. Албанскиот јазик беше исклучен од таблата на јавната институција, спротивно на Законот за употреба на јазиците, со заднина „Македонија“ – без никаква уставна референца – со што беше игнориран и Преспанскиот договор. Со тоа се загрози меѓународниот кредибилитет на државата – тврдеше во своето соопштение крилото на АА на Таравари.
Отворена дилема: Што разговарал Таравари со Малиотакис во Вашингтон?
Консултираните соговорници за ова прашање отвораат неколку интересни дилеми: што разговарал и што можеби, или веројатно, договорил Арбен Таравари со Никол Малиотакис во Вашингтон, а што (не) ги тангира внатрешните работи на државава? Дали Таравари презел улога да биде и тој грчки лобист за „прашањата од Нивици“, и тоа внатре во државата во која дејствува и живее – во Македонија?! Индикативно е размислувањето на соговорниците дека навистина постои и функционира некаква „грчко-албанска оска“ од интерес, или „сојуз“, која ќе треба исто така да ги „турка“ „прашањата за албанската национална кауза“ заедно со грчките интереси форматирани во актот од Нивици – насочено против Македонија и македонскиот народ?! Дали реакцијата на Таравари и неговото крило во АА е прва нивна пројава на остварувањето на низата активности од постојната „грчко-албанска оска“ на интерес?!
На оваа тема целосна анализа направи медиумот Нова Македонија.
Венко Филипче и Арбен Таравари на иста линија
За потсетување истовремено и крајно симптоматично и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на меѓународна конференција во Атина остро ја критикуваше актуелната влада во Македонија, нарекувајќи ја „десничарска и авторитарна“, со оценка дека не прави доволно за напредок во европските интеграции. Во своето обраќање, тој потсети и на значењето на Преспанскиот договор, кој, според него, претставувал пример за визионерско лидерство и храброст, благодарение на кое Македонија станала членка на НАТО.
Според него, благодарение на тогашната политичка волја и соработка меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, се надминал деценискиот спор кој ѝ го блокираше патот на државата кон НАТО.
„Преспанскиот договор реши децениски проблем меѓу Македонија и Грција и овозможи на Македонија да стане членка на НАТО, за жал не станавме на ЕУ. Но амбицијата е се уште тука но сега имаме десничарска влада во нашата земја која нема волја да ја турка земјата напред и тоа сега е како вакцина која ја примивме со НАТО, а сега не ја примивме втората доза“, изјави Венко Филипче.
На критиките од Филипче одговори ВМРО-ДПМНЕ, со обвинување дека напаѓајќи ја власта, „од сред Грција“ и „по стапките на Заев“ Венко„ја кодоши и ја напаѓа Македонија“.