Раководството на ДУИ е повеќе ориентирано кон заштитување на криминалците од своите редови, отколку за добробитта на општеството, вели во разговор за Локално, д-р Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и поранешен генерален секретар на Алијансата за Албанците, а по повод претстојниот јубилеј, 20 години владеење на партијата на Али Ахмети.
На прашањето колку интегративците придонеле за подобрувањето на етничките односи и за мантрата „едно општество за сите“, поранешниот министер за здравство вели дека „едно општество за сите“ било утопија промовирана од поранешниот премиер Зоран Заев во 2016 година за прибирање на одреден квантум на албански гласови.
За тоа дека ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинуваат за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционерите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот смета дека ДУИ е „метастазиран во сите институции“ и е „сериозна закана за нормално функционирање на еден општествен систем“.
Постои една огромна мистерија, а тоа е како партијата ДУИ би се однесувала во опозиција?! Од скромното искуство од периодот 2006-2008, не би рекол дека на Ахмети око не му трепнуваше за општото добро на општеството. Можеби ќе се сетите на периодот на кратка опозиција, беше доста малигна, со блокирање на автопатишта, со блокирање на Собрание, со закани за вооружени инциденти итн. И сосема на крај, само Ахмети можеше да биде до Груевски до последниот момент, додека експремиерот не побегна во Унгарија. ДУИ е метастазиран во сите институции, тие веќе имаат свои поранешни финкционери и сегашни потрчковци во инспекторати, полиција, судови, обвинителство, универзитети, училишта, општини, агенции, да не зборувам за министерства. ДУИ е веќе сериозна закана за нормално функционирање на еден општествен систем. Оваа можеби ќе изгледа тенденциозно, но времето ќе покаже колку тежок ќе биде периодот по заминување на ДУИ во опозиција – вели Таравари.