Утрово се разбудив со 50 пораки со прашања дали ќе поднесам оставка, но фокусиран сум на работата во министерството за здравство, порача министерот Арбен Таравари на денешната прес-конференција.

„Односите меѓу партнерите во коалицијата се добри, стабилни и јас продолжувам и на 1-ви, и на 2-ри и на 3-ти и на 5-ти април да ја вршам функцијата министер за здравство. Повеќе сум фокусиран на работите кои што се важни за пациентите. Пред се и над се, за мене како министер за здравство е важна добрата состојба на овие пациенти од Кочани, меѓутоа и генерално на сите пациенти во државата“, изјави Таравари.

Тој утрово извести дека во болниците во Скопје се лекуваат вкупно 54 пациенти повредени во пожарот во Кочани од кои денес 16 си заминуваат дома, а во текот на неделава се очекува од странство да се вратат осуммина пациенти.