Мицкоски: Таравари заминува од Владата, ќе му посакам среќа и ќе го поканам на кафе
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека министерот за здравство Арбен Таравари ја напушта Владата. Тој најави дека наскоро ќе има средба со Таравари, на која ќе се сумира сработеното и, како што рече, ќе му посака успех и добро здравје.
„Морам да кажам дека најмалку што очекував е тој да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Но тоа е негова одлука. Чесно беше самиот да се повлече, без да ја влече Владата и граѓаните“, рече Мицкоски.
Политичките тензии во коалицијата „Вреди“
Повлекувањето на Таравари доаѓа по внатрешните несогласувања во коалицијата „Вреди“. Неговата партија – Алијанса за Албанците – сакаше да настапи со посебни листи на претстојните локални избори, на што се спротивставија останатите партнери: Беса, Алтернатива и Демократско движење.
Според Мицкоски, постојат индиции дека Таравари преговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за заеднички настап на локалните избори. Тој додаде дека веќе слушнал за можен договор за најмалку пет до шест општини каде што ДУИ нема да кандидира свои градоначалници.
Владината коалиција останува стабилна
И покрај случувањата, Мицкоски увери дека Владата останува стабилна и ќе продолжи со спроведување на реформите. Владата е составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ – За наша Македонија“, со вкупно 24 министри.
500 нови работни места: Мицкоски најави нова инвестиција од швајцарска компанија
Алијанса за Албанците има две министерски места – здравство и добро владеење. По можниот излез на партијата од Владата, нејасно е дали тие позиции ќе бидат пополнети или прераспределени.