Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема лекарски пропуст во случајот со смртта на близначињата во Прилепската болница во јануари оваа година.
„Нема стручна грешка, да имаше, веднаш ќе бевте известени и ќе се преземеа чекори за дисциплински мерки. Меѓутоа, и ДСЗИ и стручната комисија од Министерството за здравство констатираа дека нема лекарски пропуст,“ изјави Таравари по посетата на болницата во Прилеп.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 22 јануари соопшти дека ќе издаде решение со наредба за спроведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои биле вклучени во лекувањето и исписот на новороденчињата.
Според извештајот од ДСЗИ, мајката на близначињата на 10 јануари потпишала изјава и на свое барање ги напуштила болничките одделенија за гинекологија и неонатологија, иако бебињата биле родени предвреме на 30 декември, во 34-та гестациска недела, со мала тежина под 2 килограми.
„Лекарите ја убедувале мајката дека новороденчињата треба да останат во болницата до целосна адаптација, но таа инсистирала на испис. Тие биле испишани со препорака за доење, витамин Д3 и контрола кај педијатар. Сепак, болницата не го известила Центарот за социјални работи за овој случај,“ се наведува во извештајот на ДСЗИ.
На 16 јануари, при тешка здравствена состојба, семејството од селото Славеј повикало Итна помош. Лекарите констатирале дека машкото бебе починало во домот, додека женското бебе починало во Прилепската болница.