Одлуката на Арбен Таравари да ја напушти Владата и да отвори врата за соработка со ДУИ предизвика бурни реакции од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. Од таму порачуваат дека ваквиот потег значи предавство на албанските гласачи и промените што ги ветиле на граѓаните.
Заменик-премиерот Изеет Меџити го обвини Таравари дека ја изневерил довербата и се вратил „на црната листа“:
Предавство на албанските гласачи
„Ти не ја направи промената. Ти ја спречи промената.
Ти не се враќаш кај народот. Се враќаш на црната листа.
Ти не ја напушташ владата. Ја предаде владата.
Ти не го претставуваш духот на членството во АА. Го измамивте членството.
Ти не си херојот на оваа историја – ти си очај и разочарување за секој Албанец“, изјави Меџити.
На овие зборови, Таравари одговори со иронија, нарекувајќи го Меџити „пензионер на ДУИ“:
„Апсурдно е за промени да зборува ветеран кој ја напушти ДУИ од конфликт на интереси, а потоа повторно ја прегрна власта. Да одиш со тебе е како да се парализираш“, напиша Таравари.
Реакција имаше и од Зеќирија Ибрахими, кој го обвини Таравари за себичен политички потег:
„Политичарите кои размислуваат само за лична добивка лесно жртвуваат цела организација и верни активисти – само за да се спасат себеси“, порача Ибрахими.
Со критика се јави и Блерим Сејдиу, кој со ироничен тон рече дека Таравари има „редок талент“ – да критикува влада во која сам учествува.
„Оваа грешка ќе ја разбере и тој и неговите структури. Секојдневно има оградување од членови на АА. Никој не сака да биде со ДУИ, особено не преку ноќ, без транспарентност. За тоа Таравари ќе сноси одговорност“, рече Сејдиу.
Од ВЛЕН потенцираа дека ја претставуваат волјата на 107.000 гласачи и најавија дека нема да дозволат формирање на пржинска влада, за која, според нив, ДУИ се залага од страв од правда.
„Неразбирливо е зошто Таравари влезе во играта на Али Ахмети, со цел да се спаси себе и своето семејство“, велат од коалицијата ВЛЕН.