Сведочење со силни емоции и детали од приватниот живот

Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, денеска сведочеше пред Обвинителството, одговарајќи на повеќе чувствителни прашања поврзани со неговото минато, семејниот живот и деновите пред кобниот настан. Тој истакна дека не ги познава осомничените и единствено слушнал за Љупчо Палевски кога ја градел зградата „Тифани“, пренесува Слободен печат.

Признание за зависност од хероин, но со објаснување

На прашањето за дрогата од која бил зависен во периодот 1993–1995, тој призна дека станува збор за хероин, но подвлече дека не го земал со шприц, туку назално. Додаде: „Не бев екстремен зависник“.

Одлуката да не работи: лична, но и семејна

Обвинителството праша зошто не работел 7–8 години. Ѓорчевски изјави дека тоа било семејна одлука со поранешната сопруга Зорица, поради нејзината срцева мана и малата разлика во години меѓу двете ќерки.

„Ги презедов сите обврски за децата. Дадов отказ во Кометал, мислејќи дека ќе биде краткорочно“, рече тој.

Одбраната: живееле од заштеди, не само од нејзина плата

На тврдењата на Обвинителството дека не придонесувал финансиски, Ѓорчевски рече дека живееле од неговата заштеда, од пари од свадбата и поддршката од неговиот татко.

„Мајката на Зорица инсистираше да не се мешаат бабите во воспитувањето. Имавме лошо искуство со жена-чуварка. И градинката не функционираше“, објасни тој.

Секогаш бил подготвен да се врати на работа

Иако беше невработен од 2010 до 2017, истакна дека имал отворени врати во две фирми и постојано се надеваше на повраток во работен однос.

Образование и младешки падови

Обвинителката го праша за училишниот успех, наведувајќи дека не бил добар ученик. Тој возврати:

„До петто одделение учев заедно со Радмила Шекеринска – двајцата бевме првенци. Потоа се јави револт кога татко ми отиде во Полска и попуштив со учењето.“

Обвинителството поставуваше прашања за карактер и навики

Обвинителката ја користеше расправата и за дискредитација на сведокот, што ја натера судијата Ивица Стефановски да ја опомени за прецизност во прашањата.

Сомнежи за однесување пред грабнувањето

Читајќи пораки што тој ги испратил на ќерките, Обвинителството се интересираше зошто не ги однел со кола на училиште. Ѓорчевски објасни дека Зорица не сакала децата да се разгалуваат.

Детали за критичниот викенд

На прашањето за денот пред грабнувањето, обвинителката посочи дека Вања и тогаш требало да оди сама на училиште. Се потврди дека тоа било редовна практика секој петок, бидејќи помалата ќерка Миња немала прв час.