Поранешната советничка во Град Скопје од редовите на СДСМ, Софија Куновска, со остар и ироничен тон го оцени вчерашниот Конгрес на партијата, наведувајќи дека јавноста не сведочела на политички настан, туку на уште една, како што вели, лошо режирана и повеќепати повторена претстава.

Според Куновска, Конгресот наликувал на „театар на апсурдот“ – со полна сала, но без суштинска содржина, без визија и без јасна политичка порака. Таа оценува дека настапот на партискиот лидер повеќе личел на монолог отколку на автентичен политички говор, составен од механички формулации и носталгични еха од минатото.

Во својата анализа, Куновска прави споредба со говорот на Бранко Црвенковски од 2009 година, оценувајќи дека сегашната верзија била лишена од емоција, убедливост и политичка тежина, претворајќи се во бледо пресликување на одамна потрошена порака.

Таа наведува дека атмосферата на Конгресот била дополнително режирана преку однапред подготвени настапи и привидно „спонтани“ говори, чија цел, според неа, била да се создаде лажна слика за ентузијазам и единство. Куновска оценува дека станувало збор за хор без сопствен глас, во кој аплаузот и поддршката биле строго контролирани, без вистинска дебата и соочување со реалноста.

Како особено проблематичен момент, таа го посочува обвинувањето на раководството кон внатрепартиските критичари за наводна соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Според Куновска, ваквите обвинувања се лицемерни, имајќи предвид дека во минатото, како што тврди, постоеле идеи и калкулации за широка политичка соработка токму со истата партија.

Епилогот на Конгресот, според неа, бил очекуван и разочарувачки. Наместо катарза и почеток на пресврт, СДСМ, како што наведува, добил уште една реприза на истата политичка агонија, со продлабочување и институционализирање на внатрешните поделби.

Куновска смета дека највисокиот партиски орган, наместо да биде почетна точка за обновување, бил искористен како механизам за продолжување на политичкиот застој и одржување на состојба што таа ја опишува како „политички стечај“.

Таа ги отфрла и најавите за наводен „голем бунт“ и појава на нови авторитети, оценувајќи дека станува збор за истите структури кои со години биле дел од центарот на моќта и не можат да бидат носители на суштинска промена.

Најголемата штета, според Куновска, ја трпат искрените и добронамерни членови на партијата, кои остануваат заложници на сценарио во кое СДСМ, како што вели, мора да остане политички парализиран додека не се одиграат клучни заднински процеси поврзани со законски измени и лични интереси на поранешни функционери.

Во заклучокот, Куновска предупредува дека по завршувањето на оваа „политичка претстава“, партиското седиште ќе остане како празна сала по завршен театарски чин – без публика, без енергија и без реална политичка функција. Таа додава дека одговорноста за ваквата состојба не е еднострана, посочувајќи дека и одредени структури во ВМРО-ДПМНЕ, преку тивка поддршка од сенка, имаат удел во одржувањето на постојниот политички застој.