Театарот за деца и младинци од Скопје денеска ќе гостува на Меѓународниот фестивал на кукларство во Подгорица, Црна гора, со претставата „Палешка“ во режија на Давор Драгојевиќ.
Во претставата играат актерите Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.
Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности.
„Палешка“, со која ќе биде отворен фестивалот, ќе има две изведби од 18 и 20 часот.
„Палешка“ ќе биде во конкуренција со претстави од Шпанија, Србија, Словачка и Црна Гора.