„Техеран ќе гори“ ако продолжи иранскиот ракетен напад
„Техеран ќе гори“, предупреди израелскиот министер за одбрана Израел Кац, доколку Иран продолжи со ракетни напади врз израелски цели. Оваа изјава тој ја даде за време на состанок со началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Ејал Замир, директорот на Мосад, Дејвид Барнеа, и други високи воени функционери.
„Иранскиот диктатор ги држи граѓаните на Иран како заложници и создава реалност во која тие – особено жителите на Техеран – ќе платат висока цена за криминалниот напад врз израелските цивили“, рече Кац, според објавата на „Тајмс оф Израел“.
Израел најави „слободна акција над Техеран“
Израелската армија соопшти дека операцијата во Иран продолжува. Според соопштението, следниот чекор ќе биде „слободна акција над Техеран“.
Генералот Замир и командантот на воздухопловните сили, генерал Томер Бар, во саботата најавија дека патот до иранската престолнина е расчистен. „Според плановите, ловците на воздухопловните сили ќе започнат со напади врз цели во Техеран“, изјавија тие.
Според израелската војска, изведени се напади врз системи за воздушна одбрана во Техеран, што овозможило поширок пристап до воздушниот простор над градот. Иранската новинска агенција „Фарс“ потврди дека две ракети го погодиле аеродромот Мехрабад, при што е забележан пламен.
Операцијата продолжува со напади врз нуклеарни објекти, воени локации, балистички лансери, како и војни функционери и нуклеарни научници. Повеќе од 150 цели се погодени од петокот до сега.
Иранската државна телевизија потврди дека загинале двајца високи генерали – Голамреза Мехраби, заменик-началник за разузнавање, и Мехди Рабани, заменик-началник на оперативната команда. Двајцата беа наречени „маченици“.
Иран потврди дека нападот врз нуклеарниот објект во Исфахан уништил лаборатории и инфраструктура за конверзија на ураниум. Израелската армија тврди дека Иран работи на збогатување на ураниум до воено ниво.
„Активностите во Исфахан не оставаат простор за сомнеж – Иран се обидувал да произведе оружје за масовно уништување“, се наведува во соопштението на ИДФ.
Иран се заканува со продолжување на нападите
Иранската новинска агенција „Фарс“ објави изјава од извор близок до иранското воено раководство:
„Оваа конфронтација нема да заврши со ограничените акции од синоќа. Иран ќе продолжи да напаѓа. Овие акции ќе бидат исклучително болни за агресорите и ќе ги натераат да се покаат за она што го направиле“, наведе изворот.
Иранските власти соопштија дека воздушниот простор на земјата ќе остане затворен „до понатамошно известување“. Според државните медиуми, САД, Франција и Велика Британија биле предупредени дека нивните бази и бродови ќе бидат цели ако се обидат да ги спречат нападите врз Израел.
Во Јазд се уапсени пет лица, осомничени за соработка со Израел и фотографирање стратешки локации. Иран често апси лица под обвинение за шпионажа, без јавни докази.