Главниот ирански преговарач со САД и претседател на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, ги предупреди Соединетите Американски Држави да бидат внимателни со изјавите, откако американскиот претседател Доналд Трамп упати нови закани кон Техеран и иранските преговарачи.

Галибаф, кој ја предводи иранската страна на разговорите во швајцарското одморалиште Обирген, порача дека иранските вооружени сили се подготвени да реагираат. Иранската делегација, според објавените информации, протестирала кај американската делегација поради заканите што Трамп ги упати претходно денеска.

„Соединетите Американски Држави треба да бидат внимателни со своите изјави. Нашите вооружени сили се подготвени да реагираат“, рече Галибаф.

Трамп прво му се закани на Иран дека ќе го „удри уште посилно“ ако Техеран не го запре својот сојузник во Либан, Хезболах. Потоа упати закани и до иранските преговарачи, велејќи дека „нема да се вратат во својата земја“ ако Иран повторно го блокира Ормускиот Теснец.

Според информации од иранските државни медиуми, на преговорите во Швајцарија треба да се финализира нацрт-компромис за санкциите врз иранската нафта. Но, иранската страна предупредила дека, доколку не заврши воената интервенција на Израел во Либан, преговорите за какви било други прашања меѓу САД и Иран нема да продолжат.