Индиректните разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави во Оман завршија без договор за клучното прашање – нуклеарната програма на Техеран. Иранската страна јасно ставила до знаење дека нема намера да се откаже од збогатувањето ураниум на своја територија, иако е подготвена да преговара за техничките параметри на процесот, јавува Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори.

Според истите извори, Техеран сигнализирал отвореност за разговори околу степенот на збогатување и нивото на чистота на ураниумот, како и за можноста дел од активностите да се организираат преку регионален нуклеарен конзорциум. Целосно запирање на програмата, сепак, не било прифатливо за иранската страна.

Американските преговарачи, според дипломатот запознаен со разговорите, покажале разбирање за иранската позиција и извесна флексибилност, а теми поврзани со иранските балистички ракети воопшто не биле ставени на маса.

Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, разговорите во Мускат ги оцени како позитивен прв чекор, но предупреди дека патот до конкретен договор ќе биде сложен.

„Ова беше добар почеток, но иднината на разговорите ќе зависи од консултациите во Техеран и Вашингтон. Клучниот проблем останува недовербата меѓу двете страни“, изјави Арагчи.

Преговорите се одржаа во сенка на длабоката криза во односите меѓу двете земји, која дополнително се продлабочи по американските напади врз ирански нуклеарни објекти во јуни минатата година и насилното задушување на антивладините протести во Иран.

Оманската дипломатија повторно ја презеде улогата на посредник. Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, одржа одделни средби со иранскиот министер Арагчи, како и со американската делегација, во која учествуваа специјалниот претставник на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Иако без конкретни резултати, разговорите во Мускат се сметаат за прв сериозен обид за повторно воспоставување дипломатски канали по воената ескалација, а двете страни внимателно оставаат простор за продолжување на дијалогот.