Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада, сугерира премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски како одговор на најавите на опозициската партија да не гласа за составот на техничката влада, ниту да учествува на нејзините седници. И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски вчера го повика претседателот на Собранието и иден мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а откако ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
Ваквата изјава на Ковачевски, од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како евтин трик и нагласија дека остануваат на својот став да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават следната недела.
Формалните подготовки во Собранието за техничката Влада треба да почнат во понеделник, на 22 јануари, а техничката влада се очекува да биде изгласана на 28 јануари. Технички премиер треба да биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, а на негово место треба да дојде актуелниот координар на СДСМ Јован Митревски. Техничката Влада ќе функционира 100 дена. Согласно договорот од лидерската средба на 4 декември лани, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а на 8 мај треба да има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.