Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери во придружба на министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево ќе допатува во работна посета на Брисел.
Доцна попладнево, Џафери, придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот Османи, ќе го посети седиштето на НАТО во Брисел, каде ќе има средба со заменикот генерален секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана.
Утре владината делегација предводена од Џафери ќе има средби со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со членови на Европарламентот од повеќе политички групации.
Целта на оваа прва посета на Џафери во странство во својство на технички премиер е да се пренесе порака до институциите на ЕУ дека Македонија останува на европскиот пат и продолжува да работи на спроведување на сите обврски поврзани со исполнување на условите за членство во Унијата.