Западот треба да престане да испраќа оружје во Украина, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со неговиот француски колега Емануел Макрон, соопшти Кремљ.
Зборувајќи за војната, Путин, според соопштението од Кремљ, рекол дека „Западот би можел да ги запре овие страотни случувања со соодветно влијание врз властите во Киев, како и со прекинување на испораката на оружје за Украина“.
Путин ги обвини украинските сили за воени злосторства кои Европската унија ги „игнорира“.
Рускиот претседател додаде дека „и покрај некохерентноста и неподготвеноста на Киев за сериозна работа, руската страна е секогаш отворена за дијалог“ со цел да се најде решение за конфликтот.
Одговарајќи на загриженоста на Франција за безбедноста на снабдувањето со храна во светот, Путин рече дека „ситуацијата во врска со тоа е комплицирана главно од западните санкции против Русија“, се вели во соопштението.
Односите меѓу Франција и Русија се многу затегнати поради руската воена офанзива врз Украина, која почна на 24 февруари. И покрај кризата, Макрон разговарал со Путин неколку пати пред и по почетокот на руската инвазија во неуспешен обид да се најде решение, коментираат француските медиуми.