Мерката можно да стапи во сила на почетокот на април, според извори блиски до Кремљ
Руските власти поставиле рок од еден месец за блокирање на месинџерот Телеграм и ја разгледуваат можноста мерката да започне на почетокот на април, објави порталот РБК, повикувајќи се на извори запознаени со дискусиите во надлежните агенции. Два извори блиски до Кремљ изјавиле дека ова е конечна одлука. Претходно, Телеграм-каналот „База“ објави дека блокирањето може да се случи на 1 април.
Како причина за можната забрана се наведува зголемениот број случаи на регрутирање лица, вклучително и малолетници, за извршување незаконски активности. Извор близок до Кремљ за РБК потврдил:
„Од април Телеграм ќе биде достапен само на фронтот“.
Претходно, министерот за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми, Максут Шадаев, изјави дека властите не планираат да ја ограничат работата на Телеграм во воената зона во Украина. На состанокот на Комитетот за информатичка политика на Државната дума на 18 февруари тој рече:
„Донесена е одлука да не се ограничува работата на Телеграм во зоната на специјални воени операции во овој момент“.
Шадаев изрази надеж дека воениот персонал постепено ќе премине на други платформи.
Оваа недела „Руска Газета“ објави дека е отворена кривична истрага против основачот на Телеграм, Павел Дуров, за помагање на терористички активности. Повикувајќи се на документи на ФСБ, медиумите наведоа дека апликацијата не ги отстранила каналите што повикувале на екстремизам.
Дуров ја поврза кривичната постапка со, како што наведе, обид за ограничување на основни права и изјави:
„Русија покрена кривична постапка против мене за помагање на тероризмот. Секој ден властите измислуваат нови изговори за да го ограничат пристапот на Русите до Телеграм, обидувајќи се да го потиснат правото на приватност и слобода на говор“.
Според „Комсомолскаја правда“, администрацијата на Телеграм не ги исполнила барањата на Роскомнадзор и не отстранила 1.369 канали, разговори и ботови поврзани со детска порнографија. Дополнително, останале 3.771 содржини поврзани со дрога, 2.666 поврзани со самоубиство и 2.124 поврзани со вклучување малолетници во незаконски активности.
Исто така, не биле отстранети повеќе од 10.500 канали што содржат повици за екстремизам и содржини поврзани со „финансирање на непријателот“. Дополнителни 1.125 содржеле материјали од екстремистички и терористички организации.
Според член 205.1 од рускиот Кривичен законик, помагањето на терористички активности е казниво со затвор од осум години до доживотна казна.
