Вчерашната е прва голема акција со претреси во затворот Идризово откако лани Управата за извршување санкции и МВР потпишаа договор за соработка. Во акцијата учествувале 65 специјалци од ЕБР, уште 30 полицајци од крим-техника и над 40 затворски чувари и полицајци од други затвори.
Слична операција со помали размери имало лани истотака во Идризово.
Претресите се вршени со налог од судија, со конкретно име и презиме на осуденик, келија и затворско крило. Обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ги упатил барањата за претрес и раководел со операцијата.
Биле претресени келии и затвореници и во затворнеиот дел и меѓу осудениците со доживотни казни за Диво Насеље, но и кај затвореници во полуотвореното одделение.
Кај еден затвореник биле најдени три ножа, додека друг имал над илјада евра иако според правилниците било дозволено да имаат најмногу 6.000 денари за цел месец, објаснува за Телма извор од истрагата.
Парите на затворениците им користат освен за производи во затворската кантина истотака за услуги од други затвореници кои им наплаќаат за местење кревети, чистење наместо оној осуденик што плаќа, за подготовка на храна или дури и за замена кога се вршат прекршоци.
Поради тоа, при прекршок, посиромашните затвореници ги заменуваат побогатите и дури и ги преземаат нивните казни, а на тој начин заработуваат за да имаат за низ затвор. Од друга страна, со повеќе пари може да се обезбедат и услуги од затворските чувари.
Одземените телефони се вештачат за да се провери дали затворениците контактирале со припадници на затворската служба. За сите кривични дела ќе бидат поднесени пријави против затворениците, но доколку се најдат докази и за затворски службеници.