Tелото на Мемет Камбер сè уште не е предадено на роднините и по три недели од неговата смрт реагираат од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“. Од таму апелираат до сите политички и административни чинители да ја решат состојбата до среда (14 јуни), во спротивно ќе организираат протест пред собранието.
„На ден 16.06.2023, „Ромалитико“ ќе организира протест пред Собранието на РСМ, институција од која, исто така, се очекува да ги донесе сите потребни измени на законите за во иднина да не се повторуваат вакви случаи. „Ромалитико“ уште еднаш апелира дека е време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение“, велат од Институтот.
Во нивната реакција додаваат дека остварувањето на здравствената заштита е човеково право а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право.
„Апелираме за итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, стои во соопштението на „Ромалитико“.