Клучен прв приоритет, е справување со енергетската криза, што е пред се европска енергетска криза, а се чувствува и кај нас, а доби дополнително загрижувачки димензии со војната во Украина, потенцира премиерот Димитар Ковачевски на денешната тематска владина седница на која единствена точка е одбележување на постигнувањата на Владата и на министерствата во првите 100 дена од работењето.

Ковачевски потенцираше дека воената агресија во Украина не исправи пред историски предизвик како членка на НАТО, како што рече, заедно со нашите сојузници да одговориме на овој антицивилизациски чин, како што е брутално кршење на меѓународното право и сите конвенции за мир и безбедност.

Премиерот Ковачевски посочи дека следен приоритет е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во насока на економската криза, која произлегува од енергетската и воената криза.

Исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, истакна Ковачевски, е исто така приоритет, а подеднаква важност имаат и евроинтеграциите како наша стратешка цел.

За само три месеци, Ковачевски посочи дека успешно се спроведени и повеќе полициски акции за сузбивање на недозволена тргоција со наркотици и запленети се седум килограми хероин со вредност од над 300 илјади евра, околу 1,2 тони психотропни супстанци за производство на амфетамини и над 2,2 тони марихуана со вредност од над пет милиони евра.

Продолжи и реконструкцијата на полициските станици, а со посветена и мотивирана работа на полицијата, Ковачевски рече дека продолжува и трендот на намалување на жртвите во сообраќајни несреќи.

Ковачевски, рече дека продолжил и планот за дигитализација на правосудството, во рамки на кои инсталирана и ставена во употреба е информатичка опрема во судниците во пет основни судови.

Овозможуваме брз, лесен и едноставен начин на барање и стекнување на документи или податоци за секој еден граѓанин. Електронските уверенија од казнената евиденција за физички лица се достапни на националниот портал uslugi.gov.mk, а успешно се спроведува и системот за бесплатна првна помош за граѓаните, изјави Ковачевски.

Квалитетните здравствени политики, рече Ковачевски, се приоритет на Владата и постигнато е намалување на цените на околу 230 лекови кое се применува од 1 април годинава, а тенденција е да се обезбедат што повеќе лекови на позитивната листа.

Истовремено, со инвестиции во опрема се обезбедува побрзо и полесно закажување на термини за пациентите, особено за малигни заболувања.

Инвестициите во патната и железничката инфраструктура, Ковачевски, нагласи дека продолжуваат и интензивно се градат огромен број автопатски делници, експресни и регионални патишта и дека во изминатите месеци завршени се или се во различни фази на изработка патишта во должина од околу 200 километри.

Продолжува и изградбата на социјални станови, рече Ковачевски, посочувајќи дека е распишан јавен повик за распределба на 70 социјални станови во Гостивар, дека е завршена социјална зграда во Неготино и Демир Капија и почната е изградба на 36 социјални станови во Пехчево и 50 во Сарај.

Во услови на криза, Владата според Ковачевски прави напори да го зголеми домашното производство на основни производ храна и да обезбеди потребни количини од увоз, за што како што рече, се усвоени сет мерки со интервентниот фонд, а со националниот план за производство на храна во вредност од 400 милиони денари се дава поддршка за домашно производство на стратешки земјоделски производи и ставени се на располагање над шест илјади хектари државно земјиште.

Преку проектот ЕУ за општините, Ковачевски рече дека се потпишани договори за финансирање и кофинансирање на осум проекти во осум општини во вредност од 5,5 милиони евра, а кои се во насока на подобрување на условите за заштита на животната средина, за зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги и воведување е-услуги.

Премиерот, исто така, информираше дека се потпишани и договори за кофинансирање на 11 проекти со Албанија во вредност од шест милиони евра и 22 проекти со Грција за кои се обезбедени 7,6 милиони евра од ИПА.

Со годишната програма за инвестиции во култирата за 2022 година, Ковачевски рече дека се распределени средства во висина од 536 милиони денари и тоа за изградба и реконструкција на нови објекти, а дополнително со усогласувањето се минималната плата се овозможува соодветно валоризирање на трудот на културните работници.

Владата во првите 100 дена, рече Ковачевски, покажа дека висок приоритет се заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на живеење на граѓаните, и завршени се подготвителните работи и во тек е чистење на линданот од малата депонија во ОХИС, а дополнително во функција се ставени и две мерни станици за квалитет на воздух.

Обезбедена е поголема транспарентност и отчетност во трошењето на буџетските средства и јавните набавки, нагласувајќи дека, институциите сега имаат рок од 30 дена преку електронскиот систем и на своите веб страници да објавуваат информации за спроведените набавки.