Температури до 43 степени се најавуваат низ државата до сабота. Во недела се очекува промена со пороен дожд и ветер

Македонија денеска беше зафатена од екстремен топлотен бран. Во Велес, Демир Капија и Гевгелија беа измерени 42°C, што беа и највисоките температури во државата.

Најниската измерена температура беше на Попова Шапка, каде живата во термометарот се спушти до 26°C.

Во Скопје, Битола, Штип и Струмица беа измерени 40°C. Кавадарци се искачи до 41°C и влезе во групата на најжешки градови денеска.

Сончевото и многу топло време го одбележа денот. Облаците беа слаби до умерени, а ветерот променлив и без ефект за освежување.

До крајот на денот времето ќе остане стабилно и сончево. Во текот на ноќта се очекува ведро небо и слаб ветер со променлив правец.

Метеоролозите не најавуваат ублажување на жештината за утре. Ќе преовладува сончево и многу топло време. Ветерот ќе биде слаб до умерен, повремено засилен, од северозападен правец.

Минималните температури ќе се движат меѓу 14 и 23°C, а максималните ќе достигнат од 37 до 43°C.

Во Скопје утре се очекува топлотен бран со рекордни вредности. Минималната температура ќе биде 21°C, а максималната до 43°C. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.

Според прогнозата за наредните денови, пеколно топлото време ќе продолжи и во сабота. Локално се очекуваат температури до 43°C.

Од недела следува благ пад на температурите. Постојат услови за локални поројни дождови и грмежи. Ќе дува умерен до засилен северен ветер кој ќе донесе мало освежување.

Метеоролозите апелираат на внимателно однесување при вакви температури.

„Граѓаните треба да избегнуваат директна изложеност на сонце, особено од 11 до 17 часот. Потребно е внесување на доволно течности и следење на здравствената состојба. Особена претпазливост треба да имаат хронично болните, постарите лица и децата“, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи.