Во Скопје, Велес, Кавадарци и Демир Капија денеска измерени 41 степен, УХМР најавува уште потопли денови
Температури над 40 степени во Македонија денеска беа измерени во неколку градови, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Највисоки 41 степен се измерени во Скопје-Петровец, Велес, Кавадарци и Демир Капија.
На Зајчев Рид во Скопје и во Гевгелија температурата достигна 40 степени. Во Битола, Штип и Струмица биле измерени 39 степени, во Тетово и Виница 38 степени, а во Прилеп 37.
Во Крива Паланка биле измерени 36 степени, додека во Охрид и Претор температурите достигнале 35 степени. Во Берово се измерени 34 степени, во Крушево и Маврови Анови 31, а во Лазарополе 30 степени. Најсвежо било на Попова Шапка со измерени 26 степени.
До крајот на денот ќе преовладува сончево и многу топло време со слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Во текот на ноќта, според УХМР, времето ќе биде ведро и претежно тивко.
Температури над 40 степени во Македонија се очекуваат и утре. Според прогнозата, времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе се движи од 13 до 21 степен, а максималната од 35 до 42 степени. Во Скопје се очекува сончево и многу топло време, со слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде околу 20, а максималната ќе достигне до 41 степен.
Топлотниот бран ќе трае до сабота, 26 јули. Во тој период времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат повисоки од просечните за месец јули, информираат од УХМР.