Министерката за финансии Гордана Димитриеска–Кочоска ги увери граѓаните дека предложените измени на Законот за ДДВ нема да донесат дополнителни трошоци за онлајн купувањата од странство, вклучително и нарачките од платформи како Тему. Таа посочи дека цената што ја плаќаат корисниците останува конечна, бидејќи ДДВ се пресметува уште во моментот на самата нарачка.

Според министерката, меѓународните електронски платформи користат автоматизиран систем преку кој данокот се пресметува и се плаќа веднаш при купувањето, што значи дека при пристигнување на пратките нема да има дополнителни плаќања, административни постапки или непланирани трошоци за примателите.

Димитриеска–Кочоска објасни дека целта на законските измени е усогласување со европските правила за е-трговија и подобрување на ефикасноста на наплатата, без да се промени досегашната пракса за малите пратки што пристигнуваат во земјата.

Министерството за финансии очекува дека со новите доуредувања системот ќе стане поусогласен и пофункционален, а граѓаните ќе продолжат да купуваат онлајн по исти услови како и досега.