Работите во ДУИ изгледа полека излегуваат од контрола. Откако денеска никој од одметничката група не беше со лидерот Али Ахмети на прославата пред споменикот на Скендербег во Скопје, еден од „огнените“ го прошири нападот и врз спикерот на Собранието, Талат Џафери, а врз првиот вицепремиер, Артан Груби, упати груби навреди.

Невзат Бејта, зборувајќи во емисијата „Програма 200“ на Алсат го обвини Џафери дека бил во тајна коалиција со сегашниот градоначалник на Гостивар, Арбен таравари од Алијансата за Албанците, за директно да му наштети нему.

„Што се однесува на соработката со Арбен Таравари, соработката била уште во 2017. Тоа била тајна соработка и координатор беше Талат Џафери. Тие се мобилизираа и креираа нивни структури за да ме елиминираат мене од Гостивар и му помогнаа на Арбен Таравари со кого беа во коалиција“, рече Бејта. Тој на два пати ги изгуби изборите за градоначалник на Гостивар – во 2017 и 2021 година.

Покрај обвинувањата дека високиот партиски функционер Џафери тајно соработувал со „политичкиот непријател“, Бејта, изрече повеќе навредливи сборови за Артан Груби кога беше прашан со колку карати може да го измери вицепремиерот.

„Артан Груби не е од металите кои се мерат со карати, туку е еден метал кој нема карати, бидејќи ако имаше карати ќе беше добро. Тогаш немаше да прави раскол во ДУИ. Тие што немаат карати се железо, тенеќе. Металите кои имаат карати се добри метали и вредни кои луѓето ги сакаат, но и луѓето врз основа на добрите работи кои ги прават и тие се мерат во карати. Ако прават сплотување и ако не прават елиминирање на членството и ако не им штетат. Но тие и им се закануваат на членовите бидејќи ја имаат власта, но членовите не се плашат“ рече Невзат Бејта.