Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на мирно решавање на тензиите со Вашингтон по обновените воени закани од американскиот претседател Доналд Трамп.

За време на телефонски разговор со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, Пезешкијан ја нагласил „неопходноста од воспоставување дипломатски процеси“, објави државната агенција ИРНА. Тој истакнал дека Иран не тежнее кон војна и дека евентуален конфликт не би бил во интерес ниту на Иран, ниту на САД, ниту на регионот.

Високиот ирански функционер Али Лариџани, генерален секретар на Советот за национална безбедност, преку платформата Икс потврди дека се работи на рамка за преговори, спротивно на, како што рече, „вештачки создадениот медиумски наратив за војна“. ИРНА пренесува дека разговорите за нуклеарната програма се во почетна фаза.

Во меѓувреме, Трамп најави зголемување на военото присуство на САД во регионот, со испраќање дополнителни воени бродови.

– Тие разговараат со нас, ќе видиме дали можеме да направиме нешто… Имаме голема флота која се упати кон таму – изјави Трамп за „Фокс Њуз“.

Фокусот на евентуалните преговори, според најавите, би бил насочен кон нуклеарната програма на Иран и балистичките ракети. Сепак, шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи порача дека одбранбената стратегија и ракетните системи нема да бидат предмет на преговори.

Тој предупреди дека доколку дојде до конфликт, тој би можел да се прошири низ целиот регион.

Тензиите дополнително се заострија по нападите на американската војска врз нуклеарни објекти во Иран минатиот јуни, како поддршка на израелските напади. САД од почетокот на јануари го зголемија своето воено присуство во регионот, вклучително и со распоредување на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.