Пресметката помеѓу Филип Мијалков, синот на Влатко Мијалков и 19-годишниот скопјанец продолжила и вчеравечер, открива Филип во реакција до медиумите по повод случајот во петокот вечерта во кафуле во Дебар Маало, кога завршиле во полициска станица, наводно откако биле пријавени од 19-годишно момче. Тие повторно завршиле во полициска станица, а и овој пат, известен е и јавен обвинител.

Според пријавата во МВР, неколку лица, меѓу кои и претходно натепаниот скопјанец, го чекале Филип Мијалков и кога го забележале дека со возило се движи по улицата, почнале да му го кршат возилото.

-На 27.03.2021 во 23.30 часот во СВР Скопје Ф.М. (20) од Скопје пријавил дека околу 19.30 часот, додека се движел по ул.’Роберт Кох’ со патничко возило ‘шкода’, со скопски регистарски ознаки, неколку лица, меѓу кои и И.С. и А.А., започнале да удираат со предмети по возилото. Посочените лица на 26.03.2021 учествувале во физичка пресметка во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар, по што биле повикани во полициска станица и за што е известен Jавен обвинител, велат од МВР з.

Тепачките меѓу двете групи започнаа во петокот, кога 19-годишниот скопјанец пријави во полиција дека бил нападнат пред и во угостителски објект од синовите на Сашо и Влатко Мијалкови, како и нивно друштво. Тој имаше повреди и беше пренесен во болница.

Братучедите Мијалкови денеска се огласија по повод инцидентот. Тие наведуваат дека биле свесни „дека презимето кое го носат предизвикува внимание во медиумите и јавноста“, но тоа не ја намалувало обврската за професионално известување и пренесување на двете страни.

-Во петокот вечерта со неколкумина пријатели бевме излезени во кафуле во Дебар Маало. Околу 20.45 часот еден од пријателите од нашето друштво имаше расправија со девојката, после која беше нападнат од неколкумина нејзини другари. Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него.

Потоа раскажуваат дека двајцата ги двоеле двете групи и се обидувале да ја смират ситуацијата за да не ескалира.

-Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. За жал, нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче. Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19-годишно момче кое го пријавило настанот, велат Мијалкови.

После случката, како што пишува во информацијата, заминале дома, а нивниот пријател побарал медицинска помош.

Тие тврдат дека вчера не биле приведени, туку биле повикани од полицијата за да дадат исказ во врска со настанот и кажале што и како се случило.