Законoт за заштита од пушење на 24 март пред Владата, потоа оди во Собранието
Предлог-законот за заштита од пушење на 24 март ќе се најде на владина седница, по што ќе биде процесуиран во Собранието, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочи дека очекува законот да биде процесуиран во рок од еден месец, најдоцна до месец и половина.
Одложување поради забелешки од засегнатите страни
Законот првично беше најавен за примена од 1 март, но неговото стапување во сила беше одложено поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. Според Алиу, во меѓувреме биле одржани неколку состаноци со сите засегнати страни, а сите забелешки биле анализирани од научен, економски, инфраструктурен, социјален и здравствен аспект.
„Со задоволство можам да ви кажам дека сите отворени прашања се затворени веќе. Немаме некое прашање поврзано со законот коешто не е третирано и ценам дека многу брзо нашата земја ќе биде и препознаена и во Европа“, рече Алиу на прес-конференција за намалување на неонаталната смртност.
Терасите со две отворени страни ќе бидат дозволени
Одговарајќи на новинарско прашање дали има измени во однос на првичното законско решение, особено по барањата на угостителите кафеанските тераси да имаат две, а не три отворени страни, Алиу рече дека биле земени предвид стандардите на Светската здравствена организација за условите во кои треба да има чист воздух.
Тој истакна дека била направена научна анализа за максималните и минималните услови просторот да се третира како простор за пушење или како простор во кој пушењето не е дозволено. Според заклучокот на научната и здравствената фела, терасите со две отворени страни ќе може да се користат за пушење, бидејќи воздухот циркулира и се прочистува.
Ќе мора да има посебен влез до просторот за пушење
Министерот посочи дека при изработката на решението бил земен предвид и економскиот аспект, особено ако се има предвид дека само во Скопје има над 7.000 угостителски објекти со тераси. Тој нагласи дека поради структурата на градот, како и на другите градови, кај голем дел од објектите е невозможно да се обезбедат три отворени страни, особено кај аголните локали.
Алиу додаде дека во законот е предвидено и кровот да може да се смета како отворена страна, бидејќи, како што рече, било утврдено дека во такви услови воздухот се прочистува за неколку секунди. Тој најави и дека сите угостителски објекти ќе мора законски да обезбедат посебен влез, одвоен од просторот каде што се пуши.
„Идејата на законот е да ги штитиме сите граѓани коишто не пушат, а да им одредиме место на граѓаните коишто пушат каде може тоа да се пуши. И со ова јас сум дефинитивно и како министер и како институција многу задоволен што секој наш граѓанин којшто не консумира цигари може да влезе во секој угостителски објект без да има пристап до местото, до просторот каде што се пуши“, рече Алиу.
