Едно лице е убиено, а седум се ранети во терористички напад близу контролен пункт во предградие на Ерусалим. Двајца од тројцата напаѓачи-Палестинци, се неутрализирани. Во Елиат огласени сирени. Израелската воздушна одбрана пресретнала ракета над Црвено море во напад на Хутите. Продолжија и ракетирањата низ Појасот Газа. Бомбардиран и Рафах. Палестинските власти тврдат дека има жртви. СЗО алармира дека Газа станала зона на смртта и дека е потребен итен прекин на огнот.

„Ситуацијата во појасот продолжува да се влошува. Газа стана зона на смртта. Потребен ни е прекин на огнот веднаш! Заложниците мора да бидат ослободени, бомбите мора да престанат да паѓаат и пристапот до хуманитарна помош мора да биде слободен. Хуманоста мора да надвладее“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус – генералниот директор на Светската здравствена организација.

Од нефункционалната болницата Насер во Кан Јунис, се евакуираат критичните пациенти.

„Донесовме 18 пациенти од медицинскиот комплекс Насер, кој во моментов е во зона на конфликт и без струја, без вода и пристап до соодветна грижа“, изјави Атанасиос Гаргаванис – траума хирург на СЗО и службеник за итни случаи.

Британија и Јордан од авиони исфрлија тони лекови, гориво и храна.Тел Авив соопшти дека пред операцијата во пограничниот град, цивилите прво ќе бидат евакуирани. Од воениот кабинет потврдуваат дека има ветувачки знаци на напредок за нов договор.

„Постојат тековни обиди да се промовира нов договор за заложници и има ветувачки рани знаци за можен напредок. Нема да престанеме да бараме начин и нема да пропуштиме никаква можност да ги донесеме нашите девојки и момчињата дома. Но, ако не се постигне нов договор за заложниците, ќе продолжиме да работиме и за време на Рамазан“, изјави Бени Ганц – член на воениот кабинет на Израел.

Израелскиот Парламент вчера го отфрли едностраното признавање на палестинска држава. Во истовреме, хаотично гласање за прекин на огнот во Газа се случуваше во британскиот Парламент. Дел од пратениците во знак на протест го напуштија Парламентот по одлуката на спикерот да го игнорира преседанот и да дозволи гласање, што и помогна на опозициската лабуристичка партија да избегне бунт од големи размери меѓу сопствените пратеници поради нејзината позиција за војната меѓу Израел и Хамас.

Извор: МРТ