Девет лица загинаа, а неколку се повредени во саботата во голема сообраќајна несреќа во која учествувале шест возила во северниот дел на Лас Вегас, соопштија денеска официјални лица. Несреќата се случила кога автомобил брзо поминал на црвено светло на семафор и налетал на неколку други возила на раскрсницата.
– Никогаш досега не сме виделе ваква сообраќајна несреќа со толку голем број жртви, изјавил за новинарите портпаролот на полицијата во Лас Вегас, Александар Куевас, пренесува Танјуг.
Во несреќата учествувале 15 лица, рече Куевас. Две лица се пренесени од местото на несреќата во болница, каде едното подоцна починало, изјави Куевас, додека другото лице е во критична состојба. Меѓу жртвите има и деца.
Официјалните лица рекоа дека брзината била причина за несреќата. Куевас исто така додаде дека сведоците на несреќата виделе дека автомобилот поминува на црвено светло.
– А, дополнително удрил неколку возила и, за жал, тоа беше хаотичен настан, изјави Куевас.
Меѓу загинатите е и возачот на автомобилот што ја предизвикал несреќата, соопштија официјални лица.
– Нашите мисли и нашите молитви се со семејствата кои доживуваат огромна и непотребна загуба поради невнимателен чин, рече членката на Градскиот совет на Северен Лас Вегас, Памела А. Гојнс-Браун.