Шестгодишно девојче од Зајас се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа што вчера околу 17:10 часот се случила на крстосницата помеѓу регионалниот пат за селото Осломеј и улицата „Загорје“ во Кичево, информира полицијата.
Несреќата се случила кога патничко возило „Форд“, со кичевски регистарски ознаки и управувано од Л.Џ. (31) од с. Зајас, се судрило со патничко возило „Ауди“, исто така со кичевски регистарски ознаки, управувано од Л.Б. (23) од с. Стрелци. Од ударот, во возилото „Форд“ избувнал пожар.
Екипа на Територијалната противпожарна единица Кичево интервенирала и го изгаснала пожарот.
Во несреќата, освен тешко повреденото дете, телесни повреди добил и возачот на „Фордот“, а повредите биле констатирани во Медицинскиот центар Кичево.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Кичево, а истрагата продолжува.
