Од почетокот на 2026 година преку проектот „Безбеден град“ ќе се казнуваат возачите кои прекршуваат правила со затворски казни, трајно одземање на возилата и повисоки парични санкции. Новиот систем ќе користи камери низ улиците за автоматско регистрирање на прекршоците, а казните ќе се изрекуваат од 1 јануари.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека пред официјалната примена ќе има тест период од најмалку еден месец во кој граѓаните ќе добиваат известување за сторените прекршоци, но без казни. „Од 1 јануари 2026 ќе почнеме со пишување казни. Работиме интензивно на промена на законите, вчера во собраниска комисија беше на прво читање Законот за безбедност во сообраќајот, а во наредниот период ќе се стават во процедура уште пет-шест закони“, изјави министерот по средбата во Охрид со словенечкиот колега Боштјан Поклукар.

Иако проектот е замислен за целата држава, почетната имплементација ќе биде во Скопје, Тетово и Куманово. Планот е камерите да се вклучат и на Коридор 8 и Коридор 10 од 1 јануари, а до средината на 2026 година да биде покриена целата територија на државата.

„Целта не е казнување, туку спас на барем еден човечки живот. Оној кој вози без дозвола, под дејство на алкохол или психотропни супстанци или со 90 километри на час повеќе од дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот. Затоа казните ќе се заострат – освен парични, ќе следуваат и затворски казни, како и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела“, нагласи Тошковски.

Во 2024 година во сообраќајни несреќи животите ги загубиле 142 лица, што, според МВР, е уште една потврда за потребата од ваков систем.