ЕСМ бара да ги закупи, Адора сака да ги продаде. Дали државните електрани и Чифлиганец ќе успеат да се договорат за топланите Исток и Запад, ќе се знае во понеделник. Од компанијата Адора за Телма велат дека се согласни на најтранспарентен начин да го продадат својот имот, и тоа по цена од 9,26 милиони евра, колку што компанијата лани ги купила овие објекти.

Очекуваат да им бидат исплатени и досегашните побарувања за користење и амортизација на имотот, кои велат дека законски им следува. Од Адора тврдат дека уште во август од страна на ЕСМ добиле барање за доставување на понуда за купопродажба на овие топлани.

– „Адора Инженеринг“ во најдобар интерес на граѓаните е многу јасна и транспарентна во одговорот дека е согласна со ова барање и сме подготвени доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период, кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме. Секако сакаме сите процедури транспарентно да се спроведат во согласност со законските прописи. Изгледите за постигнување на Договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба во овој момент е енормно штетен за „Адора Инженеринг“, односно дополнително на досегашните загуби, би ја ставал компанијата во загуба од над 550 000 евра секоја година, стои во соопштението.

Доколку не се постигне договор за закуп и купопродажба, дополнуваат, единствен пат до обезбедување на парно греење за град Скопје е БЕГ во деловно-техничка соработка со ЕСМ да продолжи бесправно да го користи имотот во сопственост на „Адора Инженеринг,“ што е директна повреда на правото на сопственост.

Од ЕСМ пак за Телма тврдат дека тие до Адора испратиле барање за закуп. Велат дека во моментов инсистираат на таков договор, па потоа да се почнат преговори за купување на објектите, процес кој е многу долг. Според информациите цената за закуп и одржување на топланите би изнесувала околу 900 илјади евра годишно.

И вицепремиерот Битиќи вчера на Телма соопшти дека во моментов единствена опција во моментов е за овие топланите да се склучи договор за закуп.

ЕСМ во моментов има лиценци за снабдување и дистрибуција, но за целосно да може да го преземе греењето мора да се договори со Адора, за да може да ја добие и третата лиценца, за производство на топлинска енергија.

Инаку, ЕСМ се согласи да го преземе греењето во Скопје, откако БЕГ ги загуби трите лиценци. Компанијата формираше и три фирми за снабдување, дистрибуција и производство, кои во моментов се екипираат со кадар од БЕГ. Грејната сезона почнува на 15 октомври, најрано пак парното греењето може да се вклучи на први октомври.