Недостигот од јагнешко е поради тоа што македонските јагниња се најдоа на европскиот пазар за католичкиот Велигден, а цените на пазарите, според производителите, се повисоки поради суровините.
Моментално тешко се доаѓа до јагнешко месо. Главно, јагнињата се извезоа за католички Велигден, дома остана многу малку, а цените се во пораст. Од 290 до 320 денари, сега цената стигна до 350 за килограм јагнешко. Така е со јагнешкото, додека цената на свинското месо се намали поради помалата побарувачка, а јунешкото има статус-кво цена, изјави Тони Павлески претставник на кланичната индустрија.
Според Слободан Ѓорѓиески, пазарџија на прилепскиот пазар, набавните цени се зголемени за над 20 проценти.
Набавните цени се повисоки за 20-тина проценти. Не знам што е. Ама ако се погледнат нивите, голем дел останаа необработени.Увозот на краставици од Албанија во старт е 75 денари, продажната цена е минимум 80 денари за килограм. А домашните имаат набавна цена од 110 денари. Како што стојат работите, ова ќе продолжи и по празниците, вели Ѓорѓиески.
Прилепскиот производител на градинарски култури Слободан Калајџиоски смета дека цените не се високи, туку високи се цените на суровините.
Семенскиот материјал и ѓубривата двојно поскапеа. Семето не е на кило, туку сега се купува според зрно семки за градинарските култури. И ѓубривата се многу поскапени, вели Калајџиоски.
Според Сојузот на синдикатите на Македонија, 42 проценти од месечната плата се троши на храна и на пијалаци.