Макароните, шпагетите, сирењето, млекото, урдата и киселото млеко се само некои од производите кои од 16 март ќе можете да ги купите по поевтина цена во просек од околу 9 денари. Владата донесе одлука за замрзнување на цената на тестенините и млечните производи како и укинување на царината за увоз на шпагети и макарони кои се произведуваат поретко или воопшто во земјава. Цената на тестенините ќе се намали за 15% а на млечните производи за 10% а нивните цени ќе бидат замрзнати, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши даде пример како ќе изгледа намалувањето на цените.

„На пример, ако цената на 1 март во малопродажба на одреден производ била 80 денари, на 16 март треба да биде максимум 72 денари, што е намалување за 10 отсто. Верувам дека има такви компании кои се општествено одговорни и имаат простор да ги намалат своите профити и да одат подолу со намалувањата од 72 денари“, вели Крешник Бектеши.

Одлуката стапува на сила на 16 март, за да им се даде простор на сите увозници да ги променат сите договори со добавувачите и продавачите. Во меѓувреме, Бектеши најави дека следната недела ќе се прават анализи за шеќерот, јајцата и оризот и рече дека слични одлуки може да се донесат и за нив.

„Доколку нема намалување на цените кои беа на 1 март до следната недела, ќе следуваат нови одлуки. Ова не е закана, туку одговорно однесување на Владата во време на кризата. Затоа очекуваме целосна поддршка од страна на овие стопанственици, а дополнително очекуваме и солидарност од сите стопанственици во нашата држава се со цел кризата да не биде на грбот на граѓаните, грбот на потрошувачите, а простор за намалување и тоа одлично намалување на цените има имајќи ги предвид увозните цени и цените со кои тие ги тие ги произведуваат своите производи“, порача Крешник Бектеши.

Претходно Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, бидејќи анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажаа дека некои компании не ги намалиле цените иако користеле субвенционирана струја.

Тоа предизвика незадоволство кај пекарите кои неколку дена не ги снабдуваа продавниците со леб. Проблемот беше надминат откако Владата донесе одлука со која производителите и трговците на леб ги принуди да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена.