Дополнителни количества на електрична и на топлинска енергија се обезбедени преку когенеративната електрана „ТЕТО“ која ќе работи седум дена во неделата со полн капацитет. Вишокот на електрична енергија ќе го откупува АД ЕСМ, за што денеска се очекува двете компании да потпишат договор.

Мерката ја донесе Владата на вчерашната седница, а ќе важи до крајот на месецов со можност да биде продолжена, доколку има потреба од тоа, затоа што во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката.

Од друга страна, вчера попладне компанијата за производство на топлина „Балкан Енерџи“, која снабдува голем дел од домаќинствата во Скопје, соопшти дека има средства за набавка на гас само до крајот на денешниот ден и побара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

– Ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија во ПТБЕ, предложивме Владата да ја превземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона, наведе БЕГ во вчерашното соопштение.

Оттаму информираа дека во четвртиот квартал од 2021 година успеале да ги амортизираат пазарните ризици и да обезбедат растот на цената на гасот да не се одрази врз цената на топлинската енергија која се испорачува до корисниците, но дека енергетската криза која продолжува и во новата 2022 година со висока цена на гасот на берзите директно се одразува врз трошоците на работењето на компанијата.

– Одобрената тарифа за топлинска енергија од Регулаторната комисија за енергетика покрива незначителен дел од овие зголемени трошоци. Владата и нашата компанија вложија големи напори да се покрие финансискиот јаз помеѓу набавната берзанска цена на природниот гас и одобрениот трошок во тарифата за производство на топлинска енергија кој за месец јануари 2022 година изнесува девет милиони евра. Сепак поради постоење објективни пречки за обезбедување финансиски средства од државата, се уште не е најдено решение за овој горлив проблем. Во меѓувреме од почетокот на грејната сезона, ПТБЕ самостојно од своите ограничени тековни средства и приливи ја финансира набавката на природниот гас. Цената на гасот за месец јануари 2022 година согласно договорот со добавувачот на природен гас е определена како средна цена на јануарските фјучерси во месец декември 2021 година, кога цените на берзите достигнаа највисоко ниво. Добиваме голема помош од компанијата ТЕ-ТО АД која со своите испораки на топлинска енергија во системот ја намалува потребата за набавка на природен гас во износ од дополнителни пет милиони евра. Владата се заложи за итно плаќање на доспеаните фактури на буџетските потрошувачи. Сепак, ликвидноста на ПТБЕ брзо се истоштува и има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден, посочија од БЕГ.

Министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера на прес-конференција ја образложи владината одлука, рече дека со ставањето на ТЕТО во полн капацитет ќе се обезбедат дополнителни количества и на електрична енергија, и на топлинска енергија.

– Со преземањето на електричната енергија од АД ТЕТО дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија БЕГ со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, рече Бектеши.

Владата во вторникот излезе и со предлог да покрие 80 отсто од разликата меѓу реалната и актуелната цена на парното греење, а останатите 20 отсто да ги покрие Град Скопје заедно со скопските општини. Од Градот информираа дека немаат ресурси да помогнат во покривањето на дел од трошоците на БЕГ за набавка на природен гас, за што вчера беа критикувани од страна на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

– Арсовска годинава ќе потроши 670.000 евра на 109 вработувања на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, но не планира да даде пари за граѓаните на Скопје да не плаќаат поскапо парно, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Според градоначалничката на Град Скопје, треба да се донесат национални мерки за спас од енергетската криза, но тоа е надлежност на централната, а не на локалната власт.

– Треба да преземе се што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен – немаме надлежност и немаме можности, изјави вчера Арсовска за телевизија 21.

Таа смета дека одговорноста треба да ја понесе Владата затоа што не ја разрешила ситуацијата кога имала можност и не размислувала кои ќе бидат реперкусиите од зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи. Преседан е, рече Арсовска, Владата да бара градот да биде спасител за проблемот со енергетската криза.

Инаку, цената по која АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што ќе се произведува во ТЕТО е 170 евра по мегават час.

– Цената по која АД ЕСМ ќе ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕТО е 170 евра по мегават час и е производна цена на електрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас со вкалкулирана продажна цена на природен гас во Република С. Македонија за јануари 2022, обелодени вчера Бектеши.