ТЕТОВО НЕ ЗАБОРАВА

Венко Филипче, човекот чиј мандат како министер ќе остане запаметен по трагедијата во модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 наши сограѓани, денес држи политички митинзи токму во истиот град, без да спомне ниту збор за одговорност, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Но, Тетово не заборава.

Тоа е навреда за семејствата на жртвите, за целиот град и за секој граѓанин што очекуваше правда. Наместо извинување, добија митинг и партиски пароли. Ова е истиот човек што беше дел од системот кој ја остави државата без функционално здравство, кој дозволи луѓе да изгорат во болнички објект, направен со материјали што не ги исполнуваа ниту основните безбедносни стандарди. Наместо да сноси морална и политичка одговорност, денес зборува за „вистинската страна на историјата“. Да, Македонија е на вистинската страна на историјата, но токму затоа не смее да дозволи повеќе никогаш да се повтори времето на криминал, партизација и човечка трагедија под покровителство на СДСМ. Посебно е лицемерно што Филипче во Тетово, град на различности, повторно го враќа комунистичкиот речник и идеологијата на еднопартиска држава, идеологија која по својата суштина е тоталитарна и спротивна на демократијата. Тој повикува на „вредностите на Комунистичката партија“, заборавајќи дека тие вредности во Македонија оставија зад себе едноумие, прогон, забрани и поделби. СДСМ, која за 7 години власт ја претвори државата во хаос, со пад на индустриското производство, преполовени странски инвестиции, инфлација која ја јаде секоја плата и ветувања што никогаш не стануваат реалност, нема морално право да зборува за подобра иднина. Пензионерите ги излажаа, младите ги натераа да заминат, а здравството, образованието и правосудството ги оставија во руини, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните на Тетово, но и на цела Македонија, добро знаат кој беше на вистинската страна на историјата: тоа се оние што се бореа за независна држава, за плурализам и слобода, а не оние што денес носталгично се повикуваат на еднопартиско минато, додаваат од владејачката партија.