Седумдесет и четири улици во Тетово би можеле да добијат нови имиња, откако работната група ја утврди листата со предлози за промена на дел од уличната номенклатура. На списокот се личности од македонската, албанската и европската историја, како и имиња од културата, образованието и спортот.

Предлозите биле утврдени на втората седница на работната група, одржана на 14 јули. Нејзиниот претседател Алби Ќамили најави дека меѓу новите називи се Скендербег, Мајка Тереза, Браќата Фрашери, Исмаил Кадаре и Миѓени, но и личности поврзани со културниот и спортскиот живот во Тетово.

На листата се најдоа и писателите Мурат Исаку и Абдулазис Ислами, диригентот Гани Јахја и фудбалерот Хаќим Мемеди. За улиците во деловите од градот каде што живее македонско население се предлагаат имиња од македонската историја и култура, меѓу кои и Крсте Петков Мисирков.

Со новата листа треба да се заменат и дел од досегашните називи поврзани со поранешна Југославија. Конечната одлука, сепак, ќе ја донесе Советот на Општина Тетово, каде што темата веќе предизвика политички несогласувања.

Советниците на ДУИ претходно поднесоа предлог-одлука за преименување на улиците, но ја напуштија седницата незадоволни што точката не била поставена прва на дневниот ред. Потоа мнозинството советници го отфрли предлогот.

Прашањето повторно се отвори откако Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година со која тогашната локална власт, предводена од ДУИ, преименуваше повеќе улици во градот. Новите називи ќе стапат во сила само доколку добијат поддршка од тетовскиот Совет.