И пензионерите од Тетово денеска се собраа пред седиштето на Здружението на пензионерите и побараа линеарно зголемување на пензиите за 3.000 денари. Тие им се приклучија на пензионерите од Прилеп, Штип, Кочани, Кавадарци, Куманово и Велес, кои минатата недела со мирни протести пред зградите на нивните здруженија побараа месечно линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и најавија помасовни протести ако не им се прифати барањето. Тие добија поддршка од колегите од Кичево и Неготино, пренесе СДК.

Велат трошоците се исти и за тие со големи пензии и на тие со минимални пензии, а за овие последниве бараното покачување за 3.000 денари многу ќе им значи.

„Пазарот за сите е ист, никој во продавница не нé прашува дали земаме повисока или мала пензија. Цените на храната и лековите за сите пензионери се исти, а некои од нас не можат ни храна ни лекови да земат со малите пензии. Затоа како што политичарите по брза постапка си ги качија платите, така и за нас пензионерите да изгласаат, со европско знаменце закон да линеарно покачување на пензиите“, вели Дивна Зафировска, пензионерка од Тетово.

„Во овој момент од 20.000 денари не треба да постои пониска пензија, па потоа да се накачува пензијата. Пензијата не стига ни за сметки ни за храна, а пензионерите сакаат да отидат и на бања, нешто што навистина им е потребно, да одат на одмор некаде, но со ниските пензии тоа е неможно“, вели Летка Трпческа.

Од раководството на Здружението велат дека го поддржуваат барањето за линеарно зголемување, но дека ќе ја почитуваат одлуката што ќе ја донесе Извршниот одбор на Здружението на пензионерите на Македонија.

„Сите кои имаат ниски пензии имаат право да протестираат. Јас го поддржувам нивното барање за линеарно зголемување на пензиите. Нема посебни продавници за тие што имаат ниски пензии, ниту продавници за тие со високи пензии. Тетово беше град на текстилот, а вработените беа со многу ниски плати, а со тоа добиле и ниски пензии и тие имаат потреба од помош. Од околу 13.800 пензионери, колку што се во Здружението, од 2 до 3.000 пензионери се со минимални или многу ниски пензии. Сепак, ние како Здружение, ќе ги чекаме препораките или одлуките кои ќе бидат донесени од страна на Сојузното здружение на пензионери, кое денес има седница и расправа на оваа тема. Одлуките или препораките кои таму ќе бидат донесени ние ќе ги почитуваме“, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери на Тетово.

Додека траеше протестот дојдоа и ставовите на Сојузот на пензионерите каде, меѓу другото се посочува дека „Усогласувањето на пензиите е утврдено со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и се врши два пати во годината. Според овој Закон нема основ за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постоело ни во земјите од нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји“.