Лионел Меси и Кристијано Роналдо би можеле да се најдат во истиот тим на најавениот проштален натпревар на поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез. Двете најголеми светски фудбалски ѕвезди се наоѓаат на списокот со посакувани гости кои Тевез има намера да ги повика на теренот за време на ревијалниот спектакл посветен на неговата професионална кариера.

Информациите објавени од аргентинските и шпанските медиуми посочуваат дека натпреварот се планира да се одигра во текот на декември на легендарниот стадион „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес, кој е дом на Бока Јуниорс. Како можен датум за одржување на овој настан се споменува 19 декември, но точниот термин сè уште не е официјално утврден, а засега нема ниту конечна потврда за настапот на Меси и Роналдо.

Желбата на Тевез е на едно место да ги собере бројните поранешни соиграчи со кои настапуваше низ богатиот фудбалски пат. Актуелниот претседател на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, наводно веќе дал целосна согласност ревијалниот натпревар да се организира на култниот стадион во аргентинската престолнина.