Тим на истражувачи во Кина објави анализа на примероци земени пред повеќе од три години на пазар во Вухан, што е поврзано со почетокот на пандемијата на корона вирусот.

Студијата, чии резултати беа објавени оваа недела во списанието Nature, покажа дека брисевите позитивни за корона вирусот содржат и генетски материјал од диви животни, пренесува Бета, повикувајќи се на Би-Би-Си.

Тоа е првата рецензирана студија за биолошки докази собрани во 2020 година од пазарот Хуанан, кој продаваше морска храна и диви животни и е во центарот на потрагата по потеклото на коронавирусот.

Поврзувањето на коронавирусот со дивите животни што се продаваат на тој пазар може да отвори нови прашања во истрагата за појавата.

„Случајно протече од лабораторијата“

Некои научници велат дека тоа е дополнителен доказ дека болеста првично преминала од заразено животно на луѓето, но други повикаа на претпазливост во толкувањето на наодите.

Во срцето на втората теорија е ставот дека вирусот случајно истекол од лабораторија во Вухан.

Кинескиот истражувачки тим објави првична верзија на студијата уште во февруари 2022 година, но таа не ги вклучи сите податоци за генетскиот материјал од примероците собрани од пазарот.

Анализата вклучува поважни детали за содржината на тие примероци, собрани од тезги, површини, кафези и машини на пазарот.

Студијата на кинески истражувачки тим покажа дека некои примероци земени на делот од пазарот каде што се продава дивечот се позитивни на корона вирусот.

Нивната анализа покажала и дека на тие локации се продавале живи животни, особено кучиња од ракун, за кои сега се знае дека се подложни на вирусот.

Откритијата не се дефинитивен доказ
Кинеските истражувачи, сепак, истакнуваат дека нивните наоди не даваат дефинитивен доказ за тоа како започнала епидемијата.

„Овие примероци не можат да докажат дека животните биле заразени“, се наведува во написот.

Се додава дека останува можноста вирусот на пазарот да е внесен од заразено лице, а не од животно.

Анализата беше објавена во време кога се чини дека теоријата дека вирусот протече од лабораторија во Вухан добива на сила меѓу американските власти.

Кинеската влада ги отфрла наводите дека коронавирусот потекнува од лабораторија, додека американското Федерално биро за истраги (ФБИ) вели дека сега верува дека тоа сценарио е „најверојатно“, како и американското Министерство за енергетика.