Вооружениот напаѓач на гала вечерата во Вашингтон имал антихристијански ставови, изјави американскиот претседател Доналд Трамп за Фокс њуз, додавајќи дека станува збор за „болен човек“. – Ако го прочитате неговиот манифест, тој ги мрази христијаните, тоа е сигурно, рече Трамп, без да даде никакви дополнителни детали за документот.
Тој посочи дека и членови на семејството на осомничениот им дале информации на безбедносните власти за неговите антихристијански ставови.
Инцидентот се случил на гала вечерата во Вашингтон со дописниците од Белата куќа, кога вооружен маж се пробил низ контролен пункт и испукал неколку куршуми пред да биде совладан од безбедносните сили. Трамп и другите гости биле евакуирани од салата.
Мотивот на осомничениот сè уште се утврдува од истражните органи, изјави државниот обвинител Тод Бланш, додавајќи дека според првичните наоди, цел му биле Трамп и членовите на неговата администрација.
