До 29-ти септември, односно до стартот на кампањата за локалните избори, сите службени возила и возила во сопственост на државата треба да бидат брендирани со нови, специјални регистарски таблички во боја. Ова денеска го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.
Станува збор за околу 7.000 до 7.5000 возила. Томовски потсети дека досега многу пати се најавувало брендирање за да се спречи нивна злоупотреба за приватни и партиски цели, но тоа никогаш не било реализирано.
„Сега тоа го правиме на дело. Сите институции имаат рок до 15-ти септември да започнат со брендирање, а конечниот рок е 29-ти септември“, изјави Томовски.
Тој додаде дека правилникот не предвидува казни, но возилата кои нема да бидат брендирани навреме ќе мора да добијат специјални таблици при наредната регистрација. Исклучок од правилото ќе бидат дел од возилата на МВР и Агенцијата за национална безбедност поради нивната специфична намена.
Одлуката за брендирање беше донесена на владината седница на 29-ти јули, а првите институции кои веќе ги брендираа возилата се СОЗР, ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа.