Томовски за модернизација на жичницата до Водно

Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа зборуваше за идејата за обновување и модернизација на жичницата до Водно.

Тој истакна дека наместо претходно планираната траса од црквата Свети Јован кон Средно Водно, се предлага поврзување од болницата Козле до Средно Водно. Томовски појасни дека оваа локација нуди поширок простор каде што може да се обезбеди монтажен паркинг, што би им овозможило на граѓаните безбедно да ги остават своите возила и да продолжат понатаму.

„Доколку сакате вие да го паркирате возилото и да бидете сигурни дека има паркинг, за разлика од претходната локација“, изјави Томовски.

Состанок со градоначалникот за финансирање и траса

Томовски најави дека во текот на утрешниот ден ќе се одржи состанок со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на кој ќе се разговара за двете клучни теми – трасата на жичницата и начинот на финансирање на проектот.

„Во текот на утрешниот ден имаме состанок на двете теми, со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе ги разговараме двете теми, повторно ќе бараме начин на финансирање и средства од каде можат да се обезбедат тие средства“, додаде Томовски.

Целта е безбедност и удобност за граѓаните

Директорот на Службата за општи и заеднички работи нагласи дека новата траса и обезбедувањето паркинг простор имаат за цел да им овозможат на граѓаните безбедно и удобно користење на жичницата, намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на инфраструктурата во околината на Водно.