Од месечината се гледа дека соопштенијата и пресовите на СДС ги пишува некој со длабоки фрустрации – тотално безидеен, доволно лукративен и алчен, но истовремено уплашен и исполнет со внатрешен страв. Јасно е дека сега најдобриот ученик на Заев, Филипче, мора да ја исполни задачата: да го пополни просторот и да не се говори за златните визи, тајните сметки и бизнисите во Дубаи.

Тактиката во која крадецот вели „држте го крадецот“ е стратегија својствена за човек облеан во стравови, морално руиниран и без елементарна почит – барем кон самиот себе. Таквиот прототип на политичар е подготвен, дури и по цена на угледот на сопствените деца и најблиските, да стигне до целта.

Од оваа партија два дена повторуваат: „не се извинуваме на криминалци“. Да бидам искрен, знаејќи од каде доаѓа сето ова, и од стравот и фрустрираноста на ваквите „тастатура-политичари“, не ни очекував извинување. Затоа што, за да го направат тоа, е потребно образ, храброст и морален дигнитет – нешто што одамна е докажано дека го нема ниту Заев, ниту неговиот најдобар ученик со најлоши навики – Венко Филипче. Затоа што, ако имаа барем дел од тоа, прв Филипче ќе се извинеше за Заев, кој од Дубаи, освен што командува партија и бизниси, пишува и соопштенија.

Едниот објавуваше „бомби“ – разговори. Другиов, наследникот, објавува пуфки и прскалки што треба да разнесат пердуви, по што човек тешко може да се објасни. Тоа е облакот во кој јавноста треба да поверува дека „сите се исти“, дури и тогаш кога разликата е над двесте илјади гласови – колку што беше разликата со која загубија на последните избори, доказ дека се маргинализирана и од народот заборавена партија.

А сега малку за вистината: јас не сум сопственик, не приходувам и немам никаква директна врска со споменатата компанија. Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба. „Јака“ работа завршил антикорупцискиот тим на СДС – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име.

Кога сме кај тендерите, не сфаќам зошто е „криминал“ фирма која не е моја да учествува и победи на тендер, а не беше криминал кога фирмите на Заев, додека тој беше премиер, учествуваа и победуваа на тендери; кога вицепремиерот на неговата влада му гради модуларни болници на министерот за здравство Венко Филипче; и кога владата на премиер од СДС на сопствената сопруга ѝ доделуваше земјиште и лиценца за фотоволтаици.

Ако ваквото, би рекол ниско и уличарско толкување на политиката е нивниот најсилен адут, убеден сум дека на следните избори партијата на Заев, со Филипче како изведувач, ќе биде и под најслабата бројка што ја добија на последните избори. Знам дека прашањата за честа и моралот нема да ги разберат – тоа тешко им оди. Но ако тие се такви, другите не се.

Криминалот нема моќ пред човек со образ и држава со закон. Институциите треба да ја сработат својата работа.