Аферата „Паразити“ со години го јаде системот. Од владата именувани функционери, звучни имиња, земале илјадници евра, додека народот мизерува. Функционерите од аферата „Паразити“ не можат да ги оправдаат парите кои ги земаат со реална работа, придонесот кој тие треба да го даваат за тие пари не се гледа, истакна Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
-Со еден таков пример ќе ја отвориме оваа прес конференција, се работи за Андреј Жерновски, кој повеќе од година ипол е дел од проектната единица за Клинички центар, и за тоа зема месечен надомест од 1.000 евра.
Жерновски, до сега земал над 18.000 евра од министерството за здравство. А, намената за која што ги зема тие средства не е оправдана. Клинички центар нема, ниту се гради тој во Штип, а тој во Скопје не е ниту во фаза да почне да се гради.
Зошто се држи Жерновски на позицијата и зошто му се исплаќаат по 1.000 евра месечно, иако за тоа нема потреба, треба да ни одговорат од Владата.
Сосема неоправдано се трошат парите од министерството за здравство, а во исто време гледаме како секојдневно луѓе собираат пари за лекување преку донации, вели Томовски и додава:
„Иста е ситуацијата и со Кире Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп, кој зема месечна плата од над 2.000 евра.
И додека тутунарите се сѐ посиромашни, и едвај врзуваат крај со крај, генералниот директор на Тутунски комбинат за еден мандат ќе инкасира без малку 100.000 евра.
Неоправдано трошење на средства на граѓаните гледаме и во М НАВ, таму како што веќе објавивме двајцата директори земаат скоро 500.000 евра плата за еден мандат од четири години. Фахрудин Хамиди зема плата од 6 илјади евра месечно, додека Владо Крстевски зема 4.5 илјади евра месечно. И за двајцата јавноста не знае што прават, ниту дали ги оправдуваат овие високи плати, или пак целиот товар на работата во М НАВ паѓа на вработените стручни лица, кои имаат далеку помали плати од директорите.
Аферата „Паразити“, покажува како група функционери именувани од владата земаат огромни суми пари по основ на плата во време кога имаме економска криза, а притоа не гледаме со што тие ги оправдале овие примања. Нема нови инвестиции, нема позитивни биланси на компаниите, нема задоволни граѓани кои се корисници на овие услуги“.