За време на викендот беа поставени над 40 нови рекорди на температурата во Британска Колумбија, особено во скијачкиот центар Вистлер.
Литон, исто така во Британска Колумбија, сега го држи апсолутниот рекорд во Канада со 46,6 степени Целзиусови, објави агенцијата Енвајармент Канада (Environnement Canada).
Претходно регистрираната највисока температура во Канада била 45 степени во два града во Саскачеван на 5 јули 1937 година.
Високите температури се очекува да продолжат и оваа недела.
Агенцијата издаде предупредување за Британска Колумбија, Алберта и неколку делови на Саскачеван, Јукон и северозападните територии.
-Продолжениот, опасен и историски топлотен бран ќе продолжи во текот на целата недела, предупреди агенцијата.
Нејзиниот главен климатолог Дејвид Филипс рече:
– Потопло е во делови на западна Канада отколку во Дубаи
Од другата страна на границата, американските метеоролошки служби исто така издадоа предупредувања поради „опасниот топлотен бран“, кој најмногу ги погоди државите на северозапад, Вашингтон и Орегон.
Температурите во неделата се искачија на највисокото ниво од 44 степени Целзиусови во најголемиот град на Орегон, Портланд, зголемувајќи ја побарувачката за мраз и клима уреди, додека многу ресторани и барови беа принудени да затворат.
– Оваа топлина е опасна по живот, изјави Џенифер Вајнс, официјален здравствен претставник..
Гувернерката Кејт Браун, пред топлотниот бран, ги олесни ковид мерките во театрите, базените и трговските центри.
Државите Орегон и Вашингтон инаку се типично умерени региони каде што многу домови и продавници може долго време да останат без ладење.