Топлото време излезе во пресерт на немилосрдните пожари на кои и ветрот им се најде „при рака“. Температурата подолг период „држеше ниво“ а ветрот ја „разветруваше“ истата, ширејќи ги пламените што таа ги предизвика. Високите температури си го прават своето, нема врнежи, нема влага, и со тоа се зголемува потенцијалната можност за пожар.
Предвидените периоди со исклучително топло и сушно време придружени со неодговорноста на човештвото го земаа својот данок. Гореше во Живалево, Татомир, Конопница, Робово, Умлена, Чифлик, Гулинци, Зубовце, Возарци, Мачево. Гореше во над сто места за кои многумина од нас преку пожарите слушнаа прв пат и сè уште без престан гори во дел од нив. По огнената стихија која деновиве неумоливо беснее, овие места за кои веќе знаеме сите, нема никогаш да бидат исти.
Пожарите се еден од најголемите проблеми за животната средина. Следствено, поради истите се уништува огромна количина на дрвна маса и вегетативен свет и со тоа настануваат и економски последици. Најнемилосрдно е што пожарите не ја избегнуваат ниту фауната, а знаат и да однесат човечки живот. Преку пожарите се загадува воздухот, водата, почвата. Бројот на шумски пожари во Република Македонија го достигна врвот во 2007 година, кога се регистрирани 652 шумски пожари, дали 2021 година ќе го повтори тоа сценарио останува на нас и одговорностите кои ги имаме во превенцијата и помошта при справување со пожарите.