Оваа година започнуваат активностите за снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм посветени на легендарниот балкански пејач Тоше Проески. Според најавите, целокупниот проект треба да биде реализиран во рок од две години.
Конкурсот за снимањето ќе биде објавен од Македонската радио-телевизија (МРТ), која ќе биде главниот носител на проектот.
-
„Средствата за проектот ќе бидат обезбедени преку буџетот на државата, преку Министерството за дигитализација, а Македонската радио-телевизија ќе го води проектот. Во него ќе бидат вклучени многу копродуценти, а се надеваме дека скоро сите национални телевизии на Балканот ќе бидат дел од оваа копродукција, имајќи во предвид големата заинтересираност.“ изјави Министерот за култура Зоран Љутков
Тоше Проески: Легенда на балканската музичка сцена
Тоше Проески беше една од најголемите музички ѕвезди на Балканот. Роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, тој започнал со музиката уште во детството. Првиот голем успех го постигнал на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, а неговиот талент го направил фаворит на балканската публика.
Тоше беше не само музички, туку и хуманитарен и културен амбасадор на Балканот. На 5 октомври 2007 година го одржал својот последен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, кој беше поддржан од УСАИД. Парите од билетите биле искористени за образование на деца во Македонија.
Трагичната смрт и сеќавањето
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб-Липовац. Тој беше погребан со најголеми државни почести, а постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија. Неговиот живот и кариера продолжуваат да бидат инспирација за новите генерации.
Во Крушево, неговото родно место, се одбележуваат годишнината од неговата смрт, а Спомен куќата за Тоше Проески, која беше отворена на 25 април 2011 година, останува место што редовно го посетуваат неговите обожаватели и музички ѕвезди.