Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека државата нема да толерира корумпирани носители на јавни функции, коментирајќи го случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов.
Тошковски истакна дека е задоволен од зголемената доверба на граѓаните во работата на МВР во делот на борбата против корупцијата, наведувајќи дека перцепцијата за ефикасноста на Министерството е зголемена за двоцифрена бројка, што, како што рече, е резултат исклучиво на работата на МВР во изминатата година и пол до две.
Според него, државата конечно покажува дека преку координирана и професионална соработка меѓу институциите надлежни за безбедноста, како што се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност и Јавното обвинителство, може да се постигнат конкретни резултати.
Тој нагласи дека Јавното обвинителство, а особено Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, има клучна улога во целиот процес и дека, доколку постои волја, институциите можат ефикасно да постапуваат.
Тошковски оцени дека ваквите случаи испраќаат порака дека повеќе не може да се дозволи лица кои извршуваат јавни функции да продолжат да работат на позиции што им се доверени од граѓаните, доколку постојат сериозни сомневања за незаконито постапување.
Министерот овие ставови ги изнесе во рамки на „Тема на денот“ во вестите на ТВ Сител, посочувајќи дека координираните акции меѓу институциите се единствениот начин да се испорачаат резултати какви што очекуваат македонските граѓани.
